Во ПСЖ жалат што си заминал Мбапе, но велат дека без него станале подобар тим

Голманот на Пари Сен Жермен, Џанлуиџи Донарума, изјави дека тимот се променил во позитивна насока откако минатото лето си замина ѕвездата Килијан Мбапе.

„Нашиот менталитет се промени, сега сме подобар тим. Ни недостига Килијан, тој е еден од најдобрите играчи во светот и мој одличен пријател. Тимот стана многу близок, се чувствуваме многу добро заедно. Тимскиот дух се промени, станавме многу пообединети. Сега играме еден за друг“, рече Донарума.

Килијан Мбапе играше за ПСЖ од 2017 година до 2024 година, во 2020 и со него во составот играа и финале на ЛШ, а Французинот летоска се пресели во Реал Мадрид како слободен агент и пак се финалисти во првата сезона без него.

Сличен став има и тренерот Луис Енрике.

„Бев храбар лани кога реков дека без Мбапе ќе имаме подобар тим. Уште го мислам тоа, а и статистиката го потврдува тоа. Штета е што си отиде Мбапе, но играчите тоа го сфатија како предизвик. Би сакал да останеше Килијан, но остантите одлично одговорија на предизвикот. Лично, секогаш повеќе би сакал да имам четворица играчи кои даваат по 10 гола отколку еден кој ќе даде 40“, вели Енрике.

- Оглас -

Најнови вести