Во Шкупи нема опуштање и покрај петардата во првиот меч: И утре мора да оствариме поволен резултат

Фудбалерите на Шкупи уште во првиот меч ги разрешија дилемите околу патникот во следната рунда од квалификациите за пласман во Лигата на конференции, откако со 5:0 го совладаа Хегелман во Литванија, и утре се очекува пред своите гледачи, со нова победа да го прослават триумфот.

И покрај убедливата победа во првиот натпревар, тренерот на Шкупи, Чихат Арслан, порача дека неговите фудбалери нема да се опуштат и очекува нова победа.

„Првиот натпревар го добивме со 5:0, и на кој блескаше Цефас. Имавме малку потешкотии при враќањето од Литванија, па седмицата ја искористивме за рехабилитација и сега сме подготвени за утрешниот натпревар. Забележав дека фудбалерите се опуштија поради што вчера одржав состанок на кој им порачав дека нема опуштање. Ова е важен натпревар за нас и мора да одиграме сериозно и дисциплинирано и да го извлечеме најдобриот можен резултат во реваншот. Мора да го почитуваме противникот без разлика на резултатот од првиот натпревар, мора да извлечеме добар резултат на реваншот. Мислам дека утрешниот натпревар ќе биде многу потежок од првиот“, изјави Арслан на прес-конференцијата.

На првиот натпревар блескаше напаѓачот Реналдо Цефас кој постигна четири од петте гола за Шкупи.

„Што се однесува до утрешниот натпревар, сите играчи се подготвија за овој натпревар. Се подготвувавме цела недела, не само физички туку и психички. Знаеме дека имаме висок резултат, но сè уште не е завршена работата. Утре треба да истрчаме на теренот како првиот натпревар да завршил 0:0“, изјави Цефас.

- Оглас -

Најнови вести