Фудбалот во Шпанија прекина на 11 март, што значи дека точно два месеци во земјата на некогашниот светски и европски шампион топката мирува. Првиот човек на шпанското првенство, Хавиер Тебас, вели дека ако се почитуваат сите протоколи дадени како препорака за заштита од корона-вирусот, постои минимален ризик за опасност.
Тој најави дека постои план во Шпанија да се направи неверојатен маратон, а тоа е 35 дена да има фудбалски натпревари.
„Ќе има фудбал во 35 дена по ред. Кога ќе се вратиме на фудбалот, ќе поминат 35 дена кои ќе бидат исполнети со фудбал. Ако се придржуваме до санитарните прописи, мислам дека нема да има никакви проблеми. Никој не знае точно кога ќе почнеме, зависи од ситуацијата затоа што вирусот и понатаму е присутен. Ако е можно, ќе почнеме на 12 јуни“, вели Тебас, кој додаде дека на трибините сигурно нема да има навивачи.
Здравствените власти засега уште немаат дадено зелено светло за почнување на фудбалот. Во Ла Лига до крајот остануваат уште 11 кола. Барселона е лидер со 58 бодови, пред Реал Мадрид со 56 бодови и токму меѓу овие два гиганти ќе се води главната битка за титулата.