Во следната сезона на Ел Класико ќе игра и Елиф Елмас?

Игрите на талентираниот Елиф Елмас во дресот на Работнички беа препорака тој млад да замине во Фенербахче. Во клубот од Истанбул се наметна и си обезбеди трансфер во Наполи, во една од најсилните лиги на светот, а константниот напредок на македонскиот фудбалер би можел за неколку месеци да го достигне својот зенит.

Според некои информации кои доаѓаат од добро упатени извори од Италија, интерес за 20-годишниот Елмас има кај шпанските ривали Реал Мадрид и Барселона, кои се два од петте најголеми и најславни клубови на светот.

Иако е новодојденец кај Наполи, тој веднаш воодушеви, од Неапол постојано велат дека евтино го купиле Елмас и можеби гледаат шанса за убава заработка бидејќи цената сезонава ќе му порасне неколкукратно. Елмас брзо стана миленик на тренерот Карло Анчелоти, на навивачите и на новинарите, па тоа го забележаа и скаутите на Реал и Барса.

Елиф летоска играше против Каталонците на пријателски меч кој се одигра во САД. Во моментов, средниот ред на Барса е преполн, во Реал можеби би бил попотребен и би бил една од замените за ветеранот Лука Модриќ, на кого нема да може да се потпираат уште долго време.

Освен од Шпанија, напредокот на Елмас се набљудува и во Франција. И во ПСЖ им се допаѓа пакетот од талент, ниска цена и квалитет кои ги поседува еден од најдобрите млади играчи во Европа на негова позиција.

- Оглас -

Најнови вести