Американската скијачка легенда Линдзи Вон (41) повторно е оперирана, по трет пат за само неколку дена, по сериозниот пад на олимпискиот спуст.
Таа на своите следбеници на социјални мрежи им сподели фотографии од болничкиот кревет, заедно со охрабрувачка порака.
„Денес ја имав третата операција и беше успешна. Успехот денес има сосема поинакво значење отколку што имаше пред неколку дена. Напредувам и, иако е бавно, знам дека ќе бидам добро. Благодарна сум на мојот неверојатен медицински тим, пријателите и семејството кои беа тука за мене, како и на прекрасниот излив на љубов и поддршка од луѓе од целиот свет“, порача големата шампионка.
Иако имаше скинати лигаменти во коленото, Вон настапи на ЗОИ во спуст, но излета од патеката во горниот дел и беше однесена со хеликоптер во болница каде што претрпе операции.
Таа има комплексна фрактура на долниот дел од ногата. Станува збор за тешка фрактура на тибијата (потколеницата) на повеќе места, поради што мораше да ѝ се имплантира надворешен фиксатор – потпорна рамка што ја стабилизира скршената коска однадвор.
Под услов да нема компликации, Вон би можела да се врати на скијачките патеки за осум до единаесет месеци, но прашање е дали ќе го сака тоа или дефинитивно ќе реши да ја заврши кариерата.

