Поранешниот македонски репрезентативец и член на хрватскиот Славен Белупо, Музафер Ејупи, пред два дена беше приведен во полициската станица во Копривица под сомнение дека бил вмешан во тепачка. Ситуацијата полека се разрешува, а иако се тврдеше дека Ејупи е виновен за физичката пресметка, се покажа дека нашиот ексрепрезентивец прв бил нападнат, а претпел и тешки повреди на главата бидејќи вториот вмешан човек во тепачката користел метална шипка.
Хрватскиот прволигаш денес на својата фан-страница на „Фејсбук“ објави вознемирувачки фотографии од повредите на Ејупи.
„Нашиот играч Музафер Ејупи се наоѓа во домашна нега во својот дом во Копривица, каде што закрепнува од тешкиот физички напад и претрпените „полесни физички повреди“ што ги претрпе пред два дена. За какви „лесни“ повреди станува збор, можете да видите на приложените фотографии. На Музи му посакуваме брзо закрепнување со што помалку последици и брзо враќање во соблекувалната и на зелените терени“, стои во дел од објавата на ФК Славен Белупо.