Времето тече, во Вардар молк, дали е можно и најцрно сценарио за најтрофејниот клуб!?

Најголемиот дел од фудбалските клубови во македонското првенство веќе ги започнаат подготовките за новата сезона, но не и Вардар. Во најтрофејниот веќе неколку дена владее молк, a сите се во исчекување.

Се чека Вардар конечно да го добие новиот спонзор, кој ќе треба да ги извлече Црвено-црните од бездната. Спонзорот постои, но очигледно постојат и проблеми поради кои не може да се преземе работењето со клубот. Токму поради тие проблеми, во Вардар ситуацијата уште е неизвесна и драматична.

Фудбалерите се во исчекување да ги добијат заостанатите плати од сезоната која измина и во која едвај, со победа во бараж се спасија од испаѓање во Втора лига. Овие побарувања на фудбалери се само една капка во океанот од долгови во кои веќе долго време Вардар се „дави“. Се проценува дека долгот е неколку милионски изразен во евра, а најавите се дека спонзорот е подготвен и тие обврски да ги преземе.

Доколку во најскоро време не биде постигнат договор со новиот спонзор, а долговите само се наталожуваат и нема решение, можеби и најлогично би било клубот да прогласи банкрот, па да мора да оди во најнизок ранг на натпреварување. Тоа е најцрно сценарио, но ако нема решение за проблемите и наталожените долгови, би било најбезболно за да се заврши хаосот во кој со години се наоѓа Вардар и само се таложат нови долгови и проблеми.

РЕНЏЕРС И ПАРМА БЕА НА ДНОТО, ПА СЕГА ПАК СЕ ВО ЕЛИТАТА

Дури и за некои од најголемите фудбалски клубови во светот немало друг излез, па оделе во банкрот, а потоа од дното се издигнувале за повторно да се вратат на старите патеки.

Шкотскиот гигант Ренџерс пред неколку години прогласи банкрот, па почна од четвртата лига во тамошното натпреварување, а сега повторно води битка против Селтик за титулата. И Парма во Италија прогласи банкрот, играше во најниска лига, а сега Парма повторно се избори за настап во Серија А и во новата сезона ќе биде дел од елитното друштво.

ФАВОРИТИТЕ ЗА ВИСОК ПЛАСМАН ТРЕНИРААТ ВО ПОЛН ЕК И НОСАТ ЗАСИЛУВАЊА

И додека останатите клубови од македонската лига кои целат на висок пласман во новата сезона веќе тренираат и постојано промовираат нови засилувања, во Вардар „спијат“. Не само што подготовките не се ни започнати, туку во изминатиов период имаше само заблагодарување на неколку фудбалери кои си заминаа од клубот, но нема промовирано ниту едно засилување.

За разлика од Вардар, во Тиквеш пристигна Милован Петровиќ, Брера доведе француско засилување, Стефан Спировски и Кире Ристовски ја засилија одбраната на Струга, Гостивар се засили со дефанзивецот Емануел Мбенде, кој е ексиграч на Бирмингам и Карслруе. Едноставно, сите останати работат и ги подготвуваат екипите за новата сезона и предизвиците кои следуваат.

 

- Оглас -

Најнови вести