Втора шанса за Депај во Премиер лигата: Тотенхем го посакува асот на Лион

Мемфис Депај се пронајде себеси откако пред повеќе од две години го напушти „Олд Трафорд“ и го облече дресот на Олимпик Лион. Холандскиот офанзивец во француското првенство се истакна како еден од најопасните голгетери, со својот учинок парирајќи на мајстори како што се Нејмар, Кавани, Мбапе.

Во својата четврта сезона како играч на Лион, Депај покажува дека Црвените ѓаволи прерано се откажаа од него, но сега добива втора шанса да ги замолкне критичарите на Островот. Имено, Тотенхем се интересира за асот на Лавовите и наводно веќе е подготвена понуда за Депај која ќе биде доставена во зимскиот преоден рок. Станува збор за повеќе од 50 милиони евра, што доволно говори колку на Маурисио Покетино му е потребна нова напаѓачка опција во својот состав.

Депај сигурно може да биде големо засилување за Петлите, несомнено ги има потребните квалитети да игра во најатрактивната европска лига. Оваа сезона повторно е меѓу најефикасните играчи во Франција, постигна вкупно 11 гола на 14 меча за Лион, од кои седум се во првенството, а четири во Лигата на шампионите. Холанѓанецот моментно е на контото од 50 погодоци и 42 асистенции за Лион, па оттаму сумата која Тотенхем ја нуди за него е логична. Единствен проблем е што екипата од Северен Лондон моментално е во криза и стои во долниот дел од табелата во англиското првенство, поточно на 12-тото место само со 14 бода.

Овој потенцијален транфер би одговарал и за Лион, иако тимот ќе остане без една од клучните фигури. Знаејќи дека за него потрошија само 16 милиони евра кога го купуваа од Јунајтед, Депај може да ја наполни касата на некогашниот француски првак, а воедно да добие втора шанса да се докаже во Премиер лигата.

- Оглас -

Најнови вести