Веселин Вујовиќ повеќе не е тренер на хрватскиот тим Нексе. Управата на Нексе и поранешниот селектор на ракометната репрезентација и на Вардар одлучија да се разделат бидејќи не е остварена целта поради која Вујовиќ е ангажиран, а чашката се прели во саботата, кога Нексе ремизира со Пореч (28:28).
„Очигледно е дека шок-терапијата не успеа да ја размрда екипата, не успеав во кратко време да ги разбудам играчите како што јас знам.
Оваа одлука ја донесов по мечот против Пореч, кој моравме да го добиеме, и кога изјавив дека би сакал да исчезнам и мислам дека е моја морална одлука да си поднесам оставка. Брзо се договоривме со Нексе дека ова е најдобра одлука за клубот. Се надевам дека моето заминување ќе ги размрда играчите“, изјави, меѓу другото, Вујовиќ.
До крајот на сезоната, екипата ќе ја води актуелниот помошник Крешо Иванковиќ.
Вујовиќ во Нексе пристигна кон крајот на февруари со цел да ја прекине доминацијата на Загреб во хрватскиот шампионат, но само по два месеца си заминува од екипата.