Веселин Вујовиќ и официјално е промовиран во нов тренер на ракометниот клуб Вардар. Црногорскиот стратег по третпат седнува на клупата на двократниот европски првак. Популарниот Вујо прво беше на клупата во периодот од 2006 до 2009 година, а потоа и во периодот од 2011 до 2013 година. Вујовиќ верува дека ќе има успешна нова епизода во црвено-црниот тим.
„Ова е моја трета епизода во Вардар, се надевам дека ќе биде успешна. Од моето последно заминување досега во Вардар се случија прекрасни работи. Двапати беше европски првак, што е нешто незамисливо за овие простори. Вардар стана бренд во Европа, сите го знаат, сите сакаат тука да дојдат. Почестен сум дека Михајло ме повика за повторно да бидам тренер. Јасно е дека сегашниот Вардар не е во ист состав како пред неколку години, но ова е предизвик за мене. Ќе имаме комбиниран состав од квалитетни играчи и млади ракометари. Јас како тренер сакам да остварам повеќе од тоа што е зацртано. Утрово бев да се видам со дел од младата екипа, па потоа ќе имам и состанок со останатиот дел од играчите. Странски засилувања прифаќам само ако е играч од врвен квалитет, инаку ќе им дадеме шанса на домашните ракометари. Верувам дека навивачите повторно ќе уживаат во Вардар. Михајло се реши да влезе во клубот во моментите кога се закануваше клубот да згасне, а сега повторно зборуваме за титули. Едвај чекам да започнат подготовките. Ова е нов почеток. Голема чест и задоволство ми е што сум тренер на Вардар“, рече Вујовиќ на промоцијата за нов тренер на Вардар.