Деновите минуваат, а ситуацијата со Коронавирусот не се подобрува. И понатаму најлошо е во Италија и Шпанија, каде што има најмногу заразени и починати. И покрај лошата моментална ситуација, челниците на сите Федерации на УЕФА денеска разговараа и ги разгледуваа опциите за тоа како да се доиграат мечевите од домашните првенства.
Предлози имаше многу, а од Шпанија доаѓа и предлог да се игра во забрзан ритам, па дури да има и тимови кои ќе играат на секои 48 часа. Сепак, ваквиот предлог е отфрлен од Меѓународниот синдикат на професионални фудбалери ФИФПро, кој цврсто застана на ставот дека меѓу два меча на еден тим мора да поминат барем 72 часа, односно три дена. Во таква ситуација фудбалерите би имале сили да ги издржат сите напори на теренот за да се комплетира сезоната.
Засега уште не се знае кога ќе се продолжат најдобрите првенства во Европа, но сигурно е дека на стадионите нема да има присуство на публика.