Анадолу Ефес се пласираше во финалето на кошаркарската Евролига, откако во драматична завршница со 89:86 ја победи ЦСКА Москва. Турскиот тим во финалето ќе го чека подобриот од второто полуфинале, кога од 21 часот ќе играат Барселона и Милано. Ефес водеше 39 минути, но на крајот ЦСКА имаше шут за победа, но московјани не реализираа.
ЕФЕС БЛЕСКАШЕ ТРИ ЧЕТВРТИНИ, А ПОТОА…
ЦСКА поведе само на стартот со 2:0, а потоа со 8:0, Ефес го превзема водството, а пред крајот на првиот дел стигна и до 25:13. Турскиот тим со добра игра продолжи и во вториот период, кога речиси постојано имаше двоцифрена предност, а највисоката разлика изнесуваше 16 поени (49:33).
Московјани делуваа немоќно и во третата четвртина, кога Ефес во три наврати имаше 21 поени предност, последен пат со 69:48 во 28 минута. Иако во тие моменти делуваше како да е познат првиот финалист, во последните 10 минути конечено се „разбудија“ играчите на ЦСКА. Полека ја намалуваа негативата, па во 38 минута стигнаа на само минус три 80:83.
ПРОМАШЕН ШУТОТ ЗА ПОБЕДА И ИЗОСТАНА ЧУДОТО
Во последните 60 секунди ЦСКА прв пат намали на само еден поен негатива 87:86, а Ефес потоа промаши и Русите добија шанса за водство, но промашија два обиди за тројка. Во последниот напад на Ефес, Ларкин погоди едно од двете слободни фрлања за 88:86 и на ЦСКА и остана нецели осум секунди за последниот напад, но Клајбон промаши шут за тројка и победа.