За нив нема дилеми: Сите шпански репрезентативци го скандираа името на новиот освојувач на Златната топка

Лионел Меси и Кристијано Роналдо речиси една и пол деценија доминираа кога се работи за освојување на Златната топка, најпрестижната индивидуална награда во фудбалот. Меси е рекордер со осум трофеи, а Роналдо има пет пехари.

Кога ќе почне дебатата за тоа кој играч треба да ја добие Златната топка за 2024 година, односно сезоната 2023/24, кандидати има многу. Тука се ѕвездите на Реал Мадрид, Џуд Белингам и Винисиус јуниор, потоа фудбалерите на Манчестер сити, Родри и Ерлинг Халанд, стандардно е Килијан Мбапе, кој прави трансфер од ПСЖ во Реал, па пак се вмешува и Лионел Меси со освојувањето на Копа Америка, иако игра во тим како Интер Мајами.

Сепак, еден фудбалер посебно се издвојува, барем кога се работи за освоените трофеи во овој период. Тоа е Дани Карвахал. Одличниот дефанзивец на Реал Мадрид и шпанската репрезентација имаше сезона како од соништата. Карвахал со Кралскиот клуб го освои првенството на Шпанија, триумфираше во Лигата на шампионите, а сега е првак на Европа и со Шпанија.

Дека не игра само епизодна улога во овие успеси, Карвахал докажа и во финалето на Лигата на шампионите, кога го даде клучниот гол во победата што им ја однесе клупската континентална титула.

Токму затоа, синоќа, на прославата на европската титула со Шпанија, сите репрезентативци на Црвената фурија без дилема го скандираа неговото име. Едноставно, Карвахал со своите игри и успесите кои ги има, заслужи да биде освојувач на Златната топка, иако тој е фудбалер од дефанзивниот ред.

Во еден момент за време на прославата, шпанските навивачи почнаа да скандираат дека Родри треба да ја освои Златната топка, но тогаш Хоселу ја „замолчи“ публиката и покажа кон Карвахал дека токму тој треба да биде освојувачот на највредната индивидуална награда.

- Оглас -

Најнови вести