Атлетико Мадрид очекувано славеше убедлива победа против Хуеска од 3-0. „Јорганџиите“ како да немаа време за губење, победникот го решија уште во првиот дел од средбата, а трите гола ги постигнаа во рок од 17 минути.
Гриезман во 16-тата минута го отвори резултатот, Партеј зголеми на 2-0 во 29-тата минута, додека Коке погоди за 3-0 само четири минути подоцна, што на крајот се покажа како конечен резултат.
Победите за Атлетико не се новитет, но за првпат сезонава успеаја да постигнат три погодоци на еден натпревар, нешто што можеби против ваков противник се очекуваше, но тоа не го очекуваа типувачите, кои сметаа дека „јорганџиите“ ќе продолжат да редат минимални победи.
Претходно, Реал Сосиедад и Рајо Валјекано одиграа реми од 2-2. Домаќините со голот на Жон Баутиста поведоа во петтата минута, додека Рајо пред крајот на првиот дел направи комплетен пресврт преку Адвинкула и Трехо. Вилијан Хосе не дозволи изненадувачки пораз на „Аноета“, па со неговиот погодок во 78-та минута Сосиедад успеа да извлече бод од овој дуел.