Тетовската Шкендија вечерва ја извојува веројатно најзначајната победа во својата историја, не само што на гости победи и елиминира некогашен европски првак, туку и обезбеди уште десетина европски мечеви и ќе игра во лигашката фаза.
Досега во историјата на макфудбалот Вардар беше единствен македонски претставник кој играл во главната фаза од некое европско натпреварување, сега и Шкендија првпат ќе ја има таа чест.
Сега за Шкендија следуваат дуели со Карабах од Азербејџан во третото коло од квалификациите за ЛШ. Ако го мине и Карабах, Шкендија ќе влезе во плејофот за ЛШ и ќе има гарантирано место во лигашката фаза од Лигата на Европа, што значи нови осум квалитетни натпревари (по четири дома и на гости) со силни ривали. Ако биде елиминирана од Карабах, Шкендија ќе разигрува во плејофот за ЛЕ. Ако испадне и од таму, оди во главната фаза на Конференциската лига, каде што ќе одигра шест меча, по три дома и на гости.
Победата на Шкендија е добра и за рејтингот на македонскиот фудбал во борбата да добиеме четврти клуб за сезоната 2026/2027. Секако, ова ќе значи и полнење на касата на Шкендија, па бенефитот е повеќекратен.