Во отсуство на фудбалот и сите останати спортови, посегнување по архивата е добар начин како да се поминува времето во самоизолација. Кога веќе нема натпревари во живо на ТВ, интернетот има богата понуда за репризирање на поранешни фудбалски класици.
Еден од нив е премиерлигашкиот дуел меѓу Њукасл и Арсенал кој се одигра на 5 февруари 2011 година. Средбата на „Сент Џејмс парк“ заврши со конечни 4-4 по неверојатниот камбек на домаќините. Составот на Арсен Венгер предводен од Ван Перси стигна до убедлива предност од 4-0 по 26 минути игра, но и четири гола не беа доволни за Топчиите, по што Њукасл во вториот дел се избори за бод во самиот финиш на мечот.
По двата гола на Бартон од пенал и еден на Бест, а за ремито вредно колку победа, Тиоте погоди во 87-та минута со бомбастичниот удар од далечина. Инаку, репрезентативецот на БСК пред три години почина на 30-годишна возраст од срцев удар на сред тренинг, како член на кинескиот второлигаш Пекинг ентерпрајсес.
Реемитувањето на класикот Њукасл – Арсенал можете да го гледате на линкот подолу почнувајќи од 16 часот: