На шест часа пред почетокот на фудбалскиот натпревар Вардар – Црвена ѕвезда, кој има хуманитарна мисија да се соберат што повеќе пари за семејствата на настраданите во пожарот во Кочани, продадени се над 23.000 билети.
Капацитетот на скопската Арена „Тодор Проески“ е околу 33.000 места за седење, а како што се ближи почетокот на пријателскиот дуел, така растат шансите трибините да бидат исполнети до последно место и помошта за Кочани да биде како што се планираше.
Уште може да се најдат билети, но од минута во минута бројката на непродадени билети паѓа и вечерва од 20 часот јасно е дека ќе има многу публика, како во минатото кога играа овие два клуба (Ѕвезда повеќе од 30 години нема гостувано во Скопје).
Сите заинтересирани граѓани кои немаат можност да купат online билети за вечерашниот хуманитарен натпревар помеѓу екипите на Вардар и Црвена ѕвезда, можат да купат билети и на билетарниците на Арената. Билетарниците ќе бидат отворени од 16 до 18 часот.
Црвено-белите во Скопје доаѓаат предводени од тренерот Владан Милојевиќ, а во играчкиот кадар ќе бидат 20-мина фудбалери: Омри Глазер, Иван Гутеша, Вељко Милосављевиќ, Милан Родиќ, Јунг Ву Сеол, Ебенезер Анан, Страхиња Стојковиќ, Мамаду Фал, Кеимер Сандовал, Раде Круниќ, Тими Макс Елшник, Гелор Канга, Јован Шљивиќ, Василије Костов, Андрија Максимовиќ, Ѓорѓе Ранковиќ, Лука Илиќ, Александар Катаи, Бруно Дуарте, Урош Сремчевиќ.