Задоволство беше да работам како селектор и ќе ми биде задоволство да продолжиме заедно да работиме

Со натпреварите против Италија и Англија, кои се последни во квалификациите за пласман на Европското првенство 2024 година кое ќе се одржи во Германија, завршува и договорот на селекторот Благоја Милевски со Фудбалската федерација на Македонија.

Изминатите месеци ФФМ размислуваше што да прави со селекторската функција, преговараше со странски тренери, но сè поизвесно е дека Милевски ќе добие нов договор.

Тој во август 2021 година седна на селекторското столче на македонската репрезентација, а претходно имаше огромен успех и како селектор на репрезентацијата до 21 година, со која играше на младинското ЕП во 2017 година.

Милевски на денешната прес-конференција изјави дека би му било задоволство да продолжи да работи како селектор на македонската репрезентација.

„Морам да изразам задоволство за тоа што добивам максимална поддршка од ФФМ и за одличните услови кои ги имав на располагање. Задоволство ми беше да работам во овие две години и два месеца и ќе ми биде задоволство да продолжиме заедно да работиме. Мислам дека резултатите од овие два меча нема да бидат пресудни за тоа дали ќе добијам продолжување на договорот“, изјави Милевски.

- Оглас -

Најнови вести