Некогашниот шведски ракометен репрезентативец Фредерик Ларсон трагично го загуби животот додека возел велосипед. Додека се рекреирал со велосипедот, 36-годишниот ракометар бил удрен од камион. Ударот бил фатален и Ларсон починал на самото место.
„Длабока жал и неверување, тоа е тоа што сега чувствуваме. Нашите мисли се со семејството на Фредерик“, стои во објавата на ракометната федерација на Шведска.
Ларсон кариерата ја започна во 2002 година во тимот на Сковде, а потоа има настапувано и за Хамерби, шпанскиот Арагон, па се врати во Шведска во Савехоф, а одигра и две години во германскиот Гумерсбах. Кариерата ја заврши во 2016 година како член на Алингсас. За репрезентацијата на Шведска одигра 36 меча и даде 52 гола.
Ларсон зад себе ги остави невенчаната сопруга и двете малолетни деца.