Залудно Кралевите доминираа, Билбао со бод си замина од „Бернабеу“

Реал Мадрид киксна во последниот првенствен меч за 2019 година, откако ремизираше без голови против Атлетик Билбао. Средбата на „Сантијаго Бернабеу“ беше возбудлива, меѓутоа недостасуваа погодоци, па Реал во Новата година ќе влезе со два бода негатива во однос на лидерот Барселона.

Кралевите доминираа во двете полувремиња, особено во првите 45 минути, во кои имаа бројни неискористени шанси. Рамката од голот и расположениот Унаи Симон се виновни што фудбалерите на Зидан „пукаа“ без муниција. Гостинскиот голман имаше една одлична интервенција при удар на Крос, одбрани со глава и не дозволи неговата мрежа да се затресе.

Начо и Јовиќ во вториот дел погодија во дирекот, односно гредата, на најголемите сојузници на Билбао на ова тешко гостување.

По 18 кола, Реал има 37 бода, два помалку од Барселона, додека Билбао е на седмото место со 28 бода, исто колку што има и Валенсија.

- Оглас -

Најнови вести