Требаше да го потпише договорот на неговиот живот, но му открија дека има ретка болест

Тажна приказна за крај на кариерата на една голема фудбалска надеж доаѓа од Ирска. Младиот 15-годишен Бен Думинган мораше да ја прекине кариерата, откако му беше констатирано дека има ретка болест.

За Думинган се велеше дека е можеби најголемиот талент во Ирска, а беше на радар на повеќе клубови. Најконкретен беше бундеслигашот Хофенхајм кој реши да го доведе тинејџерот во своите редови.

Сепак, токму овој трансфер што се очекуваше да се случи, донесе тажен расплет. Наместо да се радува на трансферот кој треба да му донесе голема кариера, на лекарските прегледи било откриено дека момчето боледува од ретка болест.

На младиот стопер му била дијагностицирана хипертрофична кардиомиопатија (HCM) која предизвикува абнормално задебелување на дел од срцевиот мускул. Оваа болест не дозволува професионално играње фудбал, па 15-годишниот талент мораше да стави крај на кариерата уште пред нејзин вистински почеток.

Неговиот досегашен клуб Корк сити испрати соопштение во кое му посакува на Думинган да има нормален и долг живот и да може да вежба, но не и да игра фудбал.

„Со тешко срце го потврдуваме денеска пензионирањето на младиот дефанзивец Бен Думинган. На крајот на јануари, додека ги правеше медицинските тестови пред да потпише за бундеслигашкиот клуб Хофенхајм, на Бен му беше дијагностицирана хипертрофична кардиомиопатија (ХЦМ)“, стои во соопштението на Корк Сити.

На крајот можеби тестовите во германскиот клуб му го спасија дури и животот на младиот фудбалер, бидејќи којзнае дали болеста навреме ќе беше откриена доколку не ги посетеше лекарските прегледи во Хофенхајм.

- Оглас -

Најнови вести