Крис Вајлдер, менаџерот на Шефилд јунајтед, најави заминување од кормилото поради несогласувања со клупската управа.
Човекот кој им го покажа патот на Сечилата од Лига 1 до Премиер лигата во само три години, наводно одлучи да заврши со обврските пред крајот на оваа сезона, во која Шефилд дефинитивно ќе се врати во Чемпионшип лигата.
Шефилд се наоѓа на последното 20-то место на табелата по 28 кола со само 14 освоени бодови до кои екипата стигна преку четири победи и две ремија, а загуби во 22 меча.
Вајлдер ја презеде клупата на Шефилд во мај 2016 година, а веќе во својата прва целосна сезона како менаџер на својот матичен клуб, успеа да обезбеди пласман во вториот ранг, за веќе во април 2019 година Шефилд да биде најавен како нов премиерлигаш.
Во ланската сезона Сечилата беа одлични, до самиот крај беа во игра за обезбедување пласман во квалификациите за Лигата на Европа, но со три врзани порази во последните три кола завршија на респектабилното деветто место.