Покрај веќе познатата приказна за Ашраф Хакими, кој е роден во Мадрид и можеше да игра за Шпанија, но одби и настапува за Мароко, слична е и приказната на Јасине Боно.
Голманот на Мароканците е роден во Монтреал, Канада и имал понуда да брани за земјата на Јаворовиот лист, но одбил.
„Да, точно е дека ме контактираше тогашниот селектор на Канада, Бенито Флоро и тоа кога се уште немав настап за Мароко. Но, вопшто не размислував, јас сум од Мароко и сон секогаш ми бил да бранам за Лавовите од Атлас“, објасни Боно.
Тој и Хакими беа двајцата јунаци во големата победа на популарните Лавови од Атлас и тоа токму против Шпанија на пенали во осминафиналето во Катар.
Боно фати два пенали, третиот го утна Сарабија, па не дозволи Шпанија да даде гол од белата точка.
Хакими мајсторски го погоди последниот пенал што им беше потребен на Мароканците за историски пласман во четвртфиналето на турнирот за светската круна.
Интересно е што Лавовите од Атлас ги победија и Канада и Шпанија на турнирот, земји за кои можеа да играат Боно и Хакими.
Мароко за првпат ќе игра четвртфинале на Светските првенства, а во сабота од 16 часот противник ќе им биде Португалија.