Затоа се успешни, кај Швајцарците нема играчи кои „мора“ да играат и кога не се во форма

Швајцарскиот селектор Мурат Јакин изненади многумина кога реши да не го стави Џердан Шаќири меѓу стартерите на дуелот со Унгарија, иако искусниот Шаќири е легенда со 123 настапи за националниот тим.

Шаќири воопшто не влезе во игра во победата на неговата селекција од 3-1 во првото коло на ЕВРО 2024, а меѓу стартерите во нападот беше Квадво Дуа кој пред само 11 дена дебитираше за А тимот на Швајцарија и денеска го имаше вториот настап. Но, Дуа е во добра форма, даде доста голови во дресот на бугарски Лудогорец и заслужи да почне, а за довербата одговори со погодок, негов прв во дресот на националниот тим.

Јакин сигурно има доверба во Шаќири штом го викна на ЕП, но без разлика што Џердан е големо име на швајцарскиот фудбал, има големи заслуги, сепак селекторот проценил дека Шаќири не е во топ форма и дека има други играчи кои во моментов се подобри и може да бидат покорисни.

Пораката е јасна, играат само тие што се најдобри во моментов, без разлика кој како се вика и дали некој е дебитант или ветеран. Ова е пример кој треба да го следат сите селектори, ако сакаат успех.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести