Црвена ѕвезда го заврши тренинг-кампот во Скопје: Тука има потенцијал, може да излезат нови Дарко Панчев, Илија Најдоски…

„Оствари го својот сон, биди ѕвездина ѕвезда“ беше мотото на тренинг-кампот на кој 50-тина деца од цела Македонија во изминативе пет дена ги истакнаа своите квалитети, но и стекнаа дополнително знаење благодарение на тренерите кои беа пристигнати од редовите на некогашниот европски првак Црвена ѕвезда, на чело со координаторот на младинската школа Владимир Цвјетичанин.

На кампот учествуваа дечиња од генерациите од 2008 до 2015 година.

Овој камп треба да биде како отскочна штица за подобра иднина на талентите кои тренираа двапати дневно.

Задоволни од сработеното беа и тренерите од Црвена ѕвезда, кои веруваат дека од Македонија во скоро време може да излезат нови големи фудбалери, како тоа на времето што беа Дарко Панчев и Илија Најдоски, кои беа дел од шампионската европска генерација која ја покори фудбалска Европа.

„Ова е прва година и многу сме задоволни од условите. Фала ѝ на фудблската школа Форца за условите кои ги создадоа за овој турнир да се реализира. Ова поднебје има потенцијал и затоа треба да продолжиме да работиме. Во златната генерација на Црвена ѕвезда беа Дарко Панчев и Илија Најдоски и веруваме дека повторно од тука ќе излезат фудбалери кои може да заиграат во Црвена ѕвезда. Од овој камп ќе повикаме неколку деца на повеќедневни тренинзи во Белград, да видат како се работи кај нас, какви се условите и да се запознаат со работата во Црвена ѕвезда. Им благодариме и на родителите на децата кои овозможија услови за децата да бидат дел од овој камп. Одлично сработено, се гледаме следната година“, вели Данило Тешиќ, кој е еден од главните тренери во младинската школа на Црвена ѕвезда на кампот во Скопје кој беше активен во изминативе неколку дена.

Сите таленти кои беа дел од кампот, освен дополнителното знаење и резултати од специјалните тестови за моторика добија и дипломи дека биле дел од кампот на некогашниот европски првак. Црвена ѕвезда и Форца имаат потпишано договор за соработка од четири години, што значи дека и во иднина ќе има вакви фудбалски кампови.

„Одлично одработени тренинзи. Децата можеа да се запознаат со начинот на работа во најдобриот фудбалски клуб на Балканот, а и гостите од Белград видоа дека во Македонија има квалитетни млади таленти кои со правилна работа може многу да напредуваат и да ги остварат своите фудбалски соништа“, вели претседателот на фудбалската школа Форца, Јорданчо Џипунов, инаку син на прославениот вардаров играч Јовче Џипунов.

Форца е школата од која потекнале голем број македонски репрезентативци, а најпознат од сите е Елиф Елмас, кој минатиот месец го оствари својот сон и стана шампион на Италија со тимот на Наполи.

- Оглас -

Најнови вести