Тридневните тренинзи на италијанските репрезентативци во Коверчано завршија, и после ова, на селекторот Роберто Манчини му стана јасно дека неговиот тим во баражот за Светско првенство против Македонија, треба да игра во формација 4-3-3, каква што летоска им донесе и европска титула.
Манчини испробал три различни тактички решенија, но најмногу му се допаѓа со 4-3-3, со Имобиле како централен напаѓач, и Берарди и Инсиње како крила, во отсуство на Кјеза кој е повреден и нема да игра во мартовскиот бараж.
Сепак, ниту шемата 3-5-2 со тројца дефанзивци позади и двајца напаѓачи, не е тотална отфрлена. Во овој систем, за нападот би конкурирале Скамака, Жоао Педро, Балотели, Берарди и Имобиле.
Трета алтернатива е 3-4-1-2 со Ѕаниоло или Инсиње зад двајцата централни напаѓачи. На тренинзите го немаше Жоржињо, негова природна замена е Сенси.