Челниците на фудбалскиот првак во Саудиска Арабија, екипата на Ал-Итихад, го отпуштија тренерот Нуно Еспирито Санто, и тоа по неполни 24 часа откако тоа од нив го побара Карим Бензема.
Бензема, кој летово потпиша за Ал-Итихад, влезе во вербална расправија со португалскиот стратег, а епилогот од таа кавга е отказ за Санто. Саудискиот весник Al Riyadiah открива како и зошто се случила расправиијата меѓу Бензема и тренерот.
Ал-Итихад е без победа на последните пет првенствени дуели (три нерешени и два порази), поради што падна на шестото место на табелата. Освен во првенството, тимот загуби и во азиската Лига на шампиони, и тоа од ирачкиот Ал-Куе со 2:0.
На полувремето од тој меч во ЛШ имало жестока расправија меѓу Бензема и тренерот Санто.
„Вие сте одличен играч, но очигледно сте премногу мрзлив за да вршите притисок на противникот“, му рекол Санто на Бензема, а потоа реплицирал францускиот напаѓач: „Не зборувај со мене, зборувај со целата екипа“.
Санто повторно се обратил директно на Бензема: „Вие сте лидер на екипата и најважен играч. Морате да преземете иницијатива и да им бидете пример на сите фудбалери“, бил дополнителниот коментар на португалскиот стратег.
По овој разговор, Бензема дал услов дека од клубот ќе си замине или тренерот или тој. На крајот, Ал-Итихад реши да го отпушти Санто, што е и логично решение ако се знае дека за платата на Бензема годишно трошат 200 милиони евра.