Бергамо е еден од градовите коj е најмногу погоден од Коронавирусот. Тоа е градот кој пред помалку од еден месец беше во центарот на Европа, но поради фудбалски успех. Аталанта како дебитант во Лигата на шампионите стигна до нокаут-фазата од Лигата на шампионите и на 19 февруари играше против Валенсија. Мечот се одигра на „Сан Сиро“ во Милано затоа што стадионот во Бергамо не ги исполнуваше условите на УЕФА.
Околу 40.000 жители на Бергамо заминаа во Милано да ги бодрат своите миленици, а Аталанта возврати со победа од 4:1. Тогаш започна фудбалска еуфорија и славење на илјадници фанови на тимот од Бергамо.
Само неколку дена по победата на Аталанта и прославата низ улиците, во Северна Италија вртоглаво почна да се шири опасниот Коронавирус. За кратко време илјадници жители од Бергамо и околината беа заразени. Аталанта потоа ја победи Валенсија и во Шпанија, но тогаш немаше славење по улиците затоа што ситуацијата со Коронавирусот веќе беше многу сериозна.
„Граѓаните на Бергамо требаше да бидат среќни и да слават, да бидат горди на нашиот тим, но тие мораа да бидат фокусирани на други работи. Требаше да мислат како ќе преживеат, требаше да мислат на своите семејства. Во претходните четири години жителите од овој град ги правевме среќни, а сега преживуваме нешто страшно. Не можам да верувам дека Италија има најмногу заразени со овој вирус веднаш по Кина. Тоа е навистина чудно. Ситуацијата во земјата е лоша и мораме да останеме со позитивни мисли. Не е лесно затоа што постојано ни пристигнуваат лоши вести“, вели капитенот на Аталанта, Алехандро Гомес.
Предводникот на Аталанта на теренот вели дека ситуацијата во Бергамо сигурно ќе била многу подобра доколку мечот против Валенсија во Милано се играл пред празни трибини. Сепак, тогаш никој не ја сфатил сериозноста од опасноста на Коронавирусот. На „Сан Сиро“ на тој меч имаше 45.000 гледачи.
„На почетокот имаше многу дезинформации. Сите многу лесно го сфаќавме овој вирус. Мислевме дека тоа е обичен грип и дека треба да продолжиме нормално со нашите животи, но згрешивме. Кога видовме како луѓето околу нас почнаа да умираат, почувствувавме страв. Сигурно на „Сан Сиро“ тој ден имало луѓе кои биле заразени. Мислам дека денешната ситуација во Бергамо има врска со мечот од Лигата на шампионите во Милано. Грозно е што тој меч така се одигра со публика. Дури и на реваншот во Валенсија никој посебно не нѐ прегледа. Сите многу лесно го сфатија овој вирус“, додава Гомес.
И имунологот Франческо ле Фоче неодамна изјави дека играњето на мечот во Милано со публика е голема грешка и дека тоа има големо влијание за неочекувано брзото ширење на Коронавирусот. За тоа што го анализираше имунологот Франческо ле Фоче и како Бергамо стана „Град на мртовци“ може да прочитате ТУКА.