Денеска се одржа ждрепка со која се одредија осумте двојки за плејофот за влез во осминафиналето во Конференциската лига.
Паровите за плејофот за влез во осминафинале се: ТСЦ Бачка Топола – Јагелонија, Молде – Шемрок роверс, Целје – АПОЕЛ, Омонија – Пафос, Викингур – Панатинаикос, Борац Бања Лука – Олимпија Љубљана, Гент – Бетис, ФК Копенхаген – Хајденхајм.
Ова беа тимови кои лигашкиот дел го завршија на позиции од деветтото до 24-тото место, па за влез во осминафиналето мора да одиграат уште два меча и потоа им се придружуваат на осумте најдобри кои директно влегоа во осминафинале.
Јагелонија на Дарко Чурлинов ќе има двобој со српскиот тим ТСЦ, а ако мине, во осминафинале можеби би играле со Легија (шансите се 50 проценти) и можно е полско осминафинале во натпреварувањето чие финале ќе се игра во полскиот град Вроцлав.
Борац Бања Лука, чии членови се Дамјан Шишковски и Бобан Николов, преку Олимпија Љубљана ќе бара влез во осминафиналето, во кое можни ривали им се Фиорентина и Рапид.