-7.2 C
Skopje
четврток, 1 јануари 2026

Ждрепката за Лигата на шампионите од следната сезона ќе се врши компјутерски

Лигата на шампионите од следната сезона ќе доживее големи промени. Групната фаза која заврши во ноември минатата година беше последна во историјата затоа што од следната сезона елитното натпреварување на УЕФА ќе се игра во лигашки формат.

Во Лигата на шампионите од следната сезона ќе учествуваат 36 екипи и секоја ќе игра по осум натпревари (четири на домашен терен и четири на гостински). Најдобропласираните осум екипи на табелата ќе обезбедат директно место во осминафиналето, а оние кои ќе завршат од деветтата до 24-тата позиција ќе играат во 16-финалето.

Освен промената во натпреварувањето, УЕФА реши од следната сезона да го смени и начинот на ждрепката. Веќе ќе го нема оној традиционален начин на извлекување на екипите со помош на топките во стаклените садови.

Од следната сезона извлекувањето ќе се прави компјутерски. УЕФА се реши на овој потег затоа што рачното извлекување на противниците за секој клуб по стариот формат би донел многу компликации и ждрепката би траела повеќе од четири часа, а за целосна реализација би биле потребни повеќе од 900 топчиња во кои ќе бидат имињата на клубовите.

„Наместо тоа, ќе се користи хибриден метод во којшто рачно ќе се одбираат одредени клубови, а компјутерот ќе ги одбира останатите седум негови противници“, се вели во објаснувањето.

Во овој случај целиот процес на ждрепката би траел околу 35 минути, колку што траеше ждрепката и на овогодишното извлекување на групната фаза.

- Оглас -

Најнови вести