Жоао Феликс, кој некогаш важеше за еден од најголемите таленти во европскиот фудбал, последните неколку години гледа како неговата кариера оди во надолна линија.
Како млад играч блесна во дресот на Бенфика и со одличните настапи си обезбеди трансфер во Атлетико Мадрид, каде што мина пет сезони. За време на престојот во шпанскиот клуб беше испраќан на позајмица во Челзи и во Барселона, а потоа оствари и постојан трансфер во лондонскиот клуб..
Минатата сезона ја помина во Милан како играч на Челзи на позајмица, но настапите не беа на нивото што се очекуваше.
Ова лето се шпекулираше за негово враќање во Португалија и повторен ангажман во Бенфика, но изгледа дека тоа нема да се случи. Саудискиот Ал-Наср се вмеша со значително подобра финансиска понуда и, според информациите, е блиску до договор со 25-годишниот Португалец. Преговорите се во завршна фаза, а конечниот договор може да биде постигнат во следните 48 часа.
Се тврди дека Жоао Феликс веќе дал согласност да се пресели во Саудиска Арабија.
Со тоа, тој ќе стане уште еден млад играч кој одлучил да ја продолжи кариерата на Блискиот Исток, што практично значи и заминување од највисокото ниво на европскиот фудбал.