Жозе Мурињо е на чекор да стане нов селектор на фудбалската репрезентација на Португалија, јавува Си-ен-ен Португалија, според кои Фудбалската федерација веќе води интензивни преговори со актуелниот тренер на Фенербахче.
Доколку договорот се реализира, ќе дојде до изненадувачко обединување на Мурињо со Кристијано Роналдо, со кого соработуваше во Реал Мадрид меѓу 2010 и 2013 година. Иако нивната релација тогаш не беше идеална и беше обременета со тензии, според изворот Мурињо нема проблем повторно да работи со Роналдо, особено во националниот тим.
Сегашниот селектор Роберто Мартинес ќе остане на чело на тимот до завршувањето на Лигата на нациите во јуни, каде што Португалија ќе игра во полуфиналето. Но, одлуката за негова смена веќе е донесена и ќе биде официјално објавена по завршувањето на турнирот.
Со доаѓањето на Мурињо, тој би имал цела година да ја подготви селекцијата за Светското првенство во 2026 година, кое ќе се одржи во САД, Канада и Мексико.
Во меѓувреме, 61-годишниот Мурињо е целосно фокусиран на битката за титулата во Турција, каде што неговиот Фенербахче е само три бода зад Галатасарај на уште седум кола до крајот на сезоната.