Зидан: Бензема е најдобриот француски напаѓач во историјата

Карим Бензема вчера со два погодоци го предводеше Реал во триумфот од 3-1 над Атлетик Билбао, со кои ја продолжи добрата форма и веќе брои четири гола во последните три меча ако се земат предвид и двата против Менхенгладбах во последното коло од ЛШ.

Нема сомнежи дека екипата на Зидан многу зависи од тоа во каква форма е Бензема, особено во изминативе неколку години, во кои од Французинот најмногу се очекува да биде продуктивен, со оглед на тоа дека повеќе ги нема Кристијано Роналдо и Герет Бејл.

Зидан го пофали верниот играч со тврдења дека Бензема е најдобар француски напаѓач во историјата.

„За мене, Карим е најдобриот напаѓач во историјата на францускиот фудбал. Долго време е во Реал, има повеќе од 500 настапи, огромен број голови. Јас не треба да го фалам, самиот ги покажува своите квалитети на теренот. Тој е комплетен играч, не му е целта само да постигнува голови, што мене многу ми се допаѓа. Знае во кој момент треба да разигра и има одлично чувство за гол, затоа и таква статистика“, посочи Зидан.

Голгетерот на Кралевите стигна до контото од шест погодоци во шпанското првенство и моментално е трет најдобар стрелец зад Аспас и Оларзабал по 13 одиграни натпревари.

- Оглас -

Најнови вести