12.8 C
Skopje
сабота, 20 септември 2025

Зидан го смени државјанството, ќе брани за Алжир

Фудбалската федерација на Алжир се пофали дека добиле потврда од ФИФА дека е одобрена промена на државјанството на Лука Зидан, и синот на Зинедин Зидан во иднина ќе брани за репрезентацијата на Алжир во која конкуренцијата е далеку послаба отколку во француската.

Лука е роден во Марсеј, татко му е Французин со алжирско потекло, а мајка му е Шпанка. Дедото и бабата на Лука од страна на татко му Зинедин се од Алжир, па голманот кој има 27 години и во моментов е член на шпанскиот второлигаш Гранада, реши да брани за земјата на дедо му и баба му.

Лука Зидан кој е голман, првиот професионален меч го имаше на голот на Реал Мадрид. Бранеше и за Расинг Сантандер, Рајо Ваљекано, Еибар, сега е во Гранада. Бранеше и кадетската, јуниорската и младинската селекција на Франција, но нема настап за А тимот, па затоа му беше отворен патот за промена.

Тој сега ќе има право да игра за Алжир на Африканскиот куп на нации, а ќе има шанса да настапи и на Светско првенство.

Татко му, славниот Зизу, на Французите им донесе светска титула во 1998 година со два гола во финалето против Бразил, а веројатно ќе биде и идниот селектор на Триколорите по заминувањето на Дидие Дешан по Мундијалот во 2026 година. 

- Оглас -

Најнови вести