Тренерот на Реал Мадрид, Зинедин Зидан не можеше, а да не искоментира за постојаните зборувања дека неговиот тим победува со помош на судиските одлуки. Реал денеска минимално со 1:0 победи на гости кај Атлетик Билбао, а погодокот за победа го даде капитенот Серхио Рамос од пенал.
Капитенот на Атлетик Билбао, Икер Муниаин јавно критикуваше дека судиите биле на страна на гостите и дека сите спорни ситуации биле доделени во корист на Реал Мадрид. Зидан вели дека луѓето го забораваат трудот на фудбалерите на Реал Мадрид.
„Уморен сум да слушам како победуваме поради судиите. Знам дека тоа нема да се промени, но фудбалерите заслужуваат респект. Никој не може да нѐ одалечи од нашата цел. Ова беше многу важна победа за нас, но додека и математички не ја освоиме титулата, нема да се опуштиме. Покажавме колку сме силни и стабилни. Сите мечеви се тешки, а Рамос покажа дека е специјалист за изведување пенали“, рече Зидан по денешниот триумф на Реал Мадрид.