Реал Мадрид од 1979 година наваму секогаш кога играше против Елче, победуваше, па затоа синоќешните 1-1 се сметаат за кикс на актуелниот шпански првак, но Зинедин Зидан не ги критикуваше своите фудбалери.
Веќе станува традиција Реал да губи бодови кога Марсело е на терен, а иако Бразилецот не беше виновен за примениот гол, Зидан ги пофали сите, па и Марсело.
„Имавме шанси да дадеме втор гол во првото полувреме и да го затвориме натпреварот, но примивме гол кога Елче се бранеше на својата половина и потоа беше тешко. Тоа е фудбалот. Не мислам дека бевме со преголема самодоверба. Задоволен сум од Марсело и од сите други, и oд тие што играа повеќе и oд тие што играа помалку. Атлетико засега не губи, но лигата е долга, сите ќе имаат киксеви, ние треба да си ја гледаме нашата работа и да се бориме“, изјави Зидан.
Реал има два бода помалку од Атлетико, но Јорганџиите имаат и два меча помалку, што значи може да побегнат и на плус осум бода разлика.