Во само неколку дена Зинедин Зидан успеа да направи комплетен пресврт околу неговата работна позиција во Реал Мадрид, а по вчерашниот триумф во градското дерби против Атлетико, популарниот Зизу повторно е херој на навивачите на Кралскиот клуб.
Зидан беше пресреќен по победата, а посебно ги пофали носителите на тимот, искусните Тони Крос и Лука Модриќ, но исто така беше задоволен и од останатите играчи кои се покажаа на високо ниво против до вчера непоразените Јорганџии.
„Секако дека сум среќен. Одигравме многу добар натпревар, исто како Менхенгладбах, а воедно успеавме да го совладаме тимот кој немаше загубено во 26 последователни меча во лигата. Потполно го загушивме Атлетико, дозволивме само една посериозна закана кон нашиот гол, а доминиравме во сите погледи. Крос и Модриќ го диктираа темпото, беа еб*но добри, но исто и Бензема, Рамос, Карвахал… Сите одиграа на ниво, многу сум задоволен од настапот на моите играчи“, истакна Зидан.
Реал со триумфот дојде на само три бода заостаток зад лутиот ривал кој и по 11 кола е лидер во Ла Лига со 26 бода.