Откако беше објавена ждрепката за егзибицискиот турнир „6 кралеви“ кој се игра во Ријад, Саудиска Арабија, на социјалните мрежи се појавија многу критики од фанови на Јаник Синер кои прашуваат зошто Новак Ѓоковиќ е повластен во однос на Јаник?
На турнирот ќе играат шесте најдобри на светот, паричните награди се огромни (самото учество вреди 1,5 милиони евра, а победникот добива 6 милиони), многу поголеми од тие на гренслемите, но интересно е дека во полуфинале директно влегува Новак Ѓоковиќ, а Јаник Синер мора да игра четвртфиначе против Стефанос Циципас (победникот од тој меч оди во полуфинале против Ѓоковиќ).
На другата страна, полуфиналист е првиот светски рекет Карлос Алкарас, а ривал ќе му биде подобриот од четвртфиналето Зверев-Фриц.
Лани победи Синер, кој е моментно втор на АТП листата. Но, исто како и лани, Италијанецот и годинава мора да игра четвртфинале.
Причината е позната, на овој турнир во полуфинале директно влегуваат двајцата тенисери со најмногу освоени гренслеми. Така беше и лани, во полуфинале директно влегоа Ѓоковиќ и Рафаел Надал, а Синер и Алкарас играа и четвртфинале. Ѓоковиќ и Алкарас имаат повеќе гренслем титули од Синер, затоа и тие се повластени и ќе играат полуфинале, без да се „мачат“ во четвртфинале.