Кристијано Роналдо е идол на илјадници фудбалери кои сакаат да ја достигнат неговата фудбалска кариера и популарност. Ако некој е на пат да го направи тоа, сигурно е норвешкото чудо од дете, Ерлинг Халанд. Иако има само 19 години, Халанд зад себе веќе има постигнувања со кои ги има надминато и Роналдо и Лионел Меси кога биле тинејџери.
Халанд сезонава даде 39 гола во 28 меча, а од Салцбург направи трансфер во Борусија Дортмунд. Без разлика што го смени дресот, навиките да погодува му останаа. Синоќа Халанд даде два гола против Пари Сен Жермен за победа во првиот меч од осминафиналето во Лигата на шампионите.
Ерлинг е син на Алфие Халанд, кој во кариерата има играно за Манчестер сити. Халанд постариот е пријател со Патрис Евра, кој му кажувал за Кристијано Роналдо и неговиот начин на исхрана.
„Евра постојано ми зборуваше дека често знаел да руча заедно со Роналдо додека беа соиграчи во Манчестер јунајтед. Тогаш Роналдо јадел само риба и ништо друго. Така сега и Ерлинг се обидува да го копира начинот на исхрана на Кристијано за да може да биде и чекор поблиску до остварување на целта, а тоа е да биде како него во иднина. Засега тоа му се исплати“, вели Халанд постариот.
Роналдо има навистина специфичен режим на исхрана. Португалецот знае да јаде и до шестпати во еден ден, а поголем дел од менито му се базира на пасти, пилешко и риба. Тој често сака да комбинира протеини и јагленохидрати. Важно е тоа што во ниеден оброк не користи сол.
„Клучот е во грижата на телото, тренингот и правилното регенерирање на мускулите, како и редовното јадење. Понекогаш знам да изедам и пица заедно со мојот син“, има изјавено Роналдо кога зборувал за својот начин на исхрана.