Аргентинецот Лионел Меси е најдобриот и најтрофејниот фудбалер во историјата на фудбалскиот клуб Барселона, со каталонскиот гигант освои 34 пехари, прв стрелец е во историјата на клубот, а интересно е дека додека играше за Барса, Меси немаше освоено пехар со Аргентина од двете најценети натпреварувања во коишто игра оваа селекција, а тоа се Светско првенство и Копа Америка.
Дури откако му истече договорот со Барса, Меси почна да жнее големи трофеи со Аргентина и сега во кариерата ги има освоено и Копа Америка и СП.
Можеби трансферот во ПСЖ му донесе среќа да стане светски првак, како што тоа им успеа и на Роналдињо и Килијан Мбапе, кои исто како и Меси, светска титула освоија една година по трансфер во парискиот клуб.
Првенството на Јужна Америка се играше и во 2011, 2015, 2016, 2019 година, но се редеа само разочарувања за Меси, двапати губеа финалиња на пенали, но во 2021 година на 10 јули конечно го разби малерот, и тоа како слободен играч бидејќи на 1 јули му истече договорот со Барса.
Меси во моментов е играч на ПСЖ, но Барселона на социјалните мрежи има повеќе објави посветени на светската титула на Меси отколку париските Светци, на кои веројатно им е криво што нивната Франција загуби токму од Аргентина, па колку и да им е мило што нивен играч е шампион, не се радуваат толку како Каталонците на кои Меси уште им е идол, иако веќе не е во нивниот дрес.