Зверев: Немојте да исвиркувате тенисер кој е повреден, Ѓоковиќ му даде сѐ на тенисот изминативе 20 години

Германскиот тенисер Александар Зверев ја критикуваше публиката која го исвирка Новак Ѓоковиќ откако го предаде мечот во полуфиналето на Отвореното првенство на Австралија.

Вториот светски рекет беше незадоволен од однесувањето на малиот број гледачи на трибините на „Род Левер арената“, кои реагираа несоодветно кога Ѓоковиќ по завршувањето на првиот сет, реши дека не може да продолжи.

„Првото нешто што сакам да го кажам е дека не смеете да свиркате на играч кој излегува од теренот поради повреда. Знам дека сите сте платиле билети, но мора да разберете дека Новак му дал сè на овој спорт во последните 20 години. Го има освоено овој турнир и со повреди, со скинати мускули, со повреден стомак. Мора да покажете почит и љубов кон него“, рече Зверев.

Тој истакна и дека воопшто не почувствувал дека Ѓоковиќ е повреден низ текот на играта во првиот сет.

„Тој играше со висок интензитет во првиот сет, јас не. Во тај-брејкот видовме дека не се движеше како што тоа го правеше во текот на првиот сет. Имаше напорни поени, видов дека има сериозни проблеми. Среќен сум што сум во финалето. Ако сум 100 проценти искрен, нема човек на АТП-турнејата кого го почитувам повеќе. Секогаш кога имам проблем, можам да му пратам порака. И јас сакав овој меч да трае пет часа. Немам ништо освен почит кон него“, продолжи Зверев и заклучи:

„Играв против него во 2021 година, кога имаше проблем со стомакот, а сепак победи. Мораш да играш на 100 проценти. Го играв еден од најдобрите сетови на турнирот. Тоа што тој беше повреден, покажува колку е добар. Можеби јас не сум доволно добар или тој е премногу добар.“

- Оглас -

Најнови вести