На 5 јануари 1947 година, точно пред 74 години, се роди ривалството помеѓу белградските фудбалски и спортски клубови Црвена ѕвезда и Партизан. Тоа бил прв и последен меѓусебен дуел кој се играл во јануари. Тој меч се играл во тешки услови, на снег и многу студено време.
Ѕвезда победила со 4-3. Црвено-белите со тоа најавија дека ќе бидат поуспешни од ривалот во меѓусебните дуели. До денеска одиграле 161 првенствен дуел и Ѕвезда има 64 победи, наспроти 47 на Црно-белите, а 50 пати било нерешено.
На историскиот меч во 1947 година имало неколку илјади луѓе на трибините и тие тогаш не биле свесни дека присуствуваат на историја и дуел на два клуба кои подоцна ќе станат симболи на српскиот фудбал.
Во составот на Партизан имало и еден Македонец, тоа е легендата Кирил Симоновски-Џина. Тренер на Партизан бил унгарскиот Евреин Илеш Шпиц, кој во голем дел од кариерата работел во Скопје, каде што и почина.