Ѕвезда и во петто дерби во низа не може да слави против Партизан, но барем даде гол

Црвена ѕвезда конечно даде гол во вечното дерби, но Партизан и натаму може да се фали дека е непоразен во пет последователни меѓусебни дуели против градскиот ривал по денешните 1-1 во 163-тото белградско дерби кое се одигра на стадионот на Партизан.

Во претходните четири средби во рамки од лигата и Купот во Србија, Црвено-белите не можеа да го пробијат мразот, а вечерва Катаи со шут од белата точка во 74-тата минута ја прекина низата без погодок.

Домаќините дојдоа рано до водство преку младиот Стевановиќ, а последните десетина минути завршија со доста тензии и брзо темпо преку кое двете екипи трагаа по трите бода. На некогашниот „ЈНА“ стадион немаше навивачи, па остана на фудбалерите да ја загреат атмосферата со неколку опасни дуели кои судијата лесно ги смируваше.

За тимот на Дејан Станковиќ ова е прв кикс во српскиот шампионат по 10 последователни победи, па со 31 бод останува на врвот на табелата, додека Партизан е на второто место со осум бода помалку.

- Оглас -

Најнови вести