Еди Нкетија со своите добри игри во дресот на Арсенал го привлече вниманието и кај селекторот на Англија, Герет Саутгејт, па доби повик да дебитира за националниот тим на Гордиот албион. Нкетија настапи на пријателскиот меч против Австралија, но го немаше во составот на играчи за дуелот против Италија.
Токму фактот дека е изоставен од составот за дуелот против Италија ги отвори опциите Нкетија да размислува да го смени репрезентативниот дрес, и тоа откако Англија обезбеди сигурно место на Европското првенство следната година во Германија.
Европската фудбалска куќа (УЕФА) објави дека го намалува бројот на играчи кои треба да бидат пријавени за настап на ЕП 2024 од 26 на 23. Според правилата на УЕФА, бројот на пријавени играчи во репрезентациите беше 23, но тој број се зголеми на 26 кога се случи пандемијата со корона-вирусот, па имаше опција за дополнителни тројца играчи во случај ако има поголем број заразени од вирусот.
Токму ова кратење на три места во репрезентативниот состав го става Нкетија во ситуација дека може да извиси и воопшто да не биде повикан за Англија на континенталниот собир. Според правилата на ФИФА, еден играч смее да го смени „спортскиот пасош“ доколку има одиграно само еден натпревар и тоа да не е од ифицјален карактер, а токму таква е ситуацијата со Нкетија.
Родителите на овој фудбалер на Арсенал потекнуваат од Гана и постои опција Нкетија да прифати да игра за оваа африканска репрезентација. Нкетија има 24 години и сезонава одигра 11 меча во Премиер лигата, а успеа да постигне и два гола. Минатата сезона ја заврши со девет погодоци и три асистенции, што само го потврдува неговиот квалитет.