Ѕвезда се прости од својот голем навивач Бора Ѓорѓевиќ, а тој ја пееше и химната на Партизан

Смртта на легендарниот фронтмен на групата Рибља Чорба, Бора Ѓорѓевиќ, кој почина денеска, натажи многумина на просторите на поранешна Југославија, а специјално простување напишаа од фудбалскиот клуб Црвена ѕвезда, чиј голем фан беше 72-годишниот популарен пејач.

Бора беше присутен и на историскиот меч во Бари во мај 1991 година, кога Ѕвезда стана европски шампион, а интересно е дека иако тој беше голем фан на Црвено-белите, бил и во групата музичари кои ја отпеаја химната на ривалот Партизан од 1975 година.

Ѓорѓевиќ рече дека тоа му е дамка во кариерата, но посака ривалството на навивачите на двата белградски клуба да биде во тој позитивен дух.

„Да, тоа е најголема дамка на мојата кариера. Во 1975 година, Корнелије Ковач напиша песна и покани многумина музичари да ја испеат колегијално. Кога тој ве вика, нема одбивање, така беше тогаш. Не ни знаев дека е химна на Партизан пред да влезам во студио. Тешко ми падна. Го пеев само оној дел: хеј, хеј, хеј. Би сакал да не бројам повредени и загинати пред и по секое дерби. Не треба да се убиваме. Одевме заедно на натпревар, а потоа пиевме пијачки. Задевањето беше сè што знаевме. Искрено сакам да се врати тоа време“, рече еднаш Ѓорѓевиќ.

Бора почина во Љубљана, а ќе биде погребан во родниот Чачак. Тој пред СП 1998 година напиша и отпеа и две навивачки песни за репрезентацијата, една победничка, друга губитничка. Во губитничката текстот е „Ве работат како волови, ви даваат голови“, додека во победничката е „Ги работиме како волови, им даваме голови“.

- Оглас -

Најнови вести