Атмосферата во соблекувалната на Реал Мадрид е далеку од идеална, а последните случувања укажуваат на сериозни проблеми во клубот.
Според шпанските медиуми, новиот тренер Алваро Арбелоа веќе се наоѓа под голем притисок, и тоа по многу краток период на клупата на Кралскиот клуб. Иако неговото доаѓање беше дочекано со одреден оптимизам, извори блиски до клубот тврдат дека тој брзо исчезнал.
Дел од играчите сметаат дека Арбелоа нема долгорочна визија и го гледаат само како привремено решение. Ѕвездите на Реал, како што се тврди, не покажуваат вистинска промена во однос на претходниот период, што дополнително ја зголемува тензијата.
Проблемите не останаа само зад затворени врати, тие се прелеаја и на јавна сцена.
Прес-конференцијата пред мечот против Рајо Ваљекано започна со задоцнување поради бројни несогласувања во клубот. Шпанските медиуми објавуваат дека дел од играчите отворено го критикуваат Арбелоа и дури изразиле мислење дека „не е за оваа работа“, што ја покажува сериозноста на ситуацијата.
До овој момент нема официјални реакции од клубот, но тишината од Мадрид само ја засилува неизвесноста.
Раководството на клубот внимателно ја следи ситуацијата, свесно дека продолжениот немир може да се одрази на резултатите. Претстојните натпревари ќе бидат клучни не само за текот на сезоната, туку и за иднината на Алваро Арбелоа како тренер на Реал Мадрид.

