„Штрковите“ ќе ја тестираат репрезентацијата

Националниот тим на Македонија утре попладне ќе одигра тренинг натпревар од затворен карактер против МЗТ Скопје Аеродром. Ова ќе биде одлична можност за квалитетен тренинг меч на репрезентацијата и тимот од Аеродром во овој период, кога се подготвуваат за претстојните настани.

Селекторот Јорданчо Давитков би требало на располагање да ги има сите кандидати на кои смета за гостувањето кај Косово на 13 септември од претквалификациите за Евробаскетот 2021. Ова значи дека ќе се приклучат и интернационалците Бојан Трајковски и Војдан Стојановски.

До среда, кога е денот на патување за Приштина на дуелот со Косово закажан за в четврток вечер, ќе се знае дали ќе имаме натурализиран играч, или по подолго време сите што ќе играат на официјален меч ќе бидат родени Македонци.

Оние кошаркари кои се членови на репрезентацијата (Младеновски, Маслинко, Стојановски, Магдевски и Соколов), утре ќе играат и за МЗТ и за Македонија, па така можност да заиграат еден против друг ќе имаат и браќата Војдан и Дамјан Стојановски. Тестот ќе биде корисен и за младите членови на првиот тим на МЗТ, кои ќе имаат можност да играат против најдобрите кошаркари од земјава.

- Оглас -

Најнови вести