Кафи е првото засилување за МЗТ Скопје Аеродром

Американскиот кошаркар, Мајк Кафи (29 год, 183 см), е првото засилување за МЗТ Скопје Аеродром во пресрет на новата сезона. Аеродромци во следната сезона освен одбрана на тронот во домашното првенство, повторно ќе биде дел од елитната регионална АБА-лига.

Станува збор за искусен плејмејкер, кој веќе седум години настапува на европска сцена и зад чие име стојат одлични бројки, како најава за тоа што може да се очекува од него. Кафи во сезоната 2020/21 беше МВП на првенството на Украина, каде што во дресот на Запорожја просечно реализираше 16,9 поени и 7,7 асистенции.

Речиси во сите сезони во Европа има двоцифрен поентерски просек и забележителен број асистенции, а убедливо најефикасен беше во унгарски Јашберени, кога во борбата за опстанок на секој меч постигнуваше по 20,8 поени и тоа со 50-отстотен шут за тројка. Американецот има играно уште за грчка Трикала, фински Хелсинки, словачки Лученец и за Киев Баскет, додека минатата сезона беше дел од германскиот прволигаш Крејлсхем.

Кафи воедно е и првото летно странско засилување за шампионот, каде што ќе игра заедно со сонародникот Бре Ајви, кој има опција во договорот од минатата сезона за останување во „Јане Сандански“. Вчера беше официјализирано продолжувањето на соработката со капитенот Дамјан Стојановски, а договори за следната сезона имаат и Адем Мекиќ, Бојан Крстевски, Дамјан Робев како и тројцата младинци – Димитар Иванов, Бојан Величковски и Марко Спасовски.

- Оглас -

Најнови вести