Ова го има само во ракометот: Ниту една секунда немаа водство, а на крајот победија

Во ракометната Лига на шампиони синоќа се одиграа два меча од првите пресметки од четвртфиналето, а неверојатно интересно беше во Унгарија, каде што Веспрем со 32:31 го победи Алборг.

Ракометарите на Алборг може да жалат за поразот затоа што гостите од Данска водеа речиси во текот на целиот меч, а на крајот загубија. Беше 2:0 за Алборг, а потоа и 6:1. Предноста од пет гола гостите ја задржаа и на полувреме (17:12).

Во второто полувреме Алборг водеше и со шест разлика (21:15), но Веспрем со серија од 4:0 стигна на два негатива (21:19), а потоа и израмнија на 27:27. Сепак, Алборг повторно поведе и постојано водеше еден разлика до 31:30. Во финишот, Веспрем погоди за 31:31, гостите го имаа последниот напад, но Омар Јахија „украде“ една топка и во контранапад даде гол буквално со звукот на сирената за победа на Веспрем од 32:31.

Голот во последната секунда беше погодок за прво водство на Веспрем и победа каква што може да се види само во ракометот. Во останатите мечеви кои се одиграа во четвртфиналето: ПСЖ – Барселона 22:30, Монпелје – Кил 39:30 и Кјелце – Магдебург 27:26.

- Оглас -

Најнови вести