Анти-допинг агенцијата го „чешла“ фудбалскиот клуб Пари Сен Жермен, под сомневање дека на неговите фудбалери пред секој меч им дава сомнителни гуми за џвакање. Исти такви специјални мастики користи и американската војска.
Оваа информација прва ја објави една шпанска телевизија и тоа по убедливата победа на „светците“ над Реал Мадрид.
Не станува збор за обични гуми за џвакање купени од трафика, туку мастики кои во себе содржат витамин Б, и 50 милиграми кофеин. Така се активираат нервниот систем (ја подобрува концентрацијата) и се намалува чувството на замор. Играчите ги џвакаат на загревањето и ги плукаат пред почетокот на мечот за да се избегне ризикот од можно голтање.
Со земањето на такви гуми за џвакање, фудбалерите може да добијат плус енергија во краток временски период. Тој кофеин почнува да делува за само пет минути, за разлика од енергетските пијалоци или кафето, на кои им е неопходни половина час пред да почнат да даваат ефект.
Ваквите мастики се во таканаречената „сива зона“, не се сметаат за допинг, но се под постојана супервизија. Според Шпанците, истите гуми за џвакање ги користела и репрезентацијата на Франција на Мундијалот во Русија. Фудбалската федерација на Франција имала купено 120 пакувања од овој производ.